По натпреварот Вардар – Металург во ракометната СЕХА-лигата, во која црвено-црните победија со 31:29, свое видување за натпреварот дадоа тренерите на двете екипи.
Предводникот на Металург, Лино Червар имаше замерки за судењето.
– И честитам на екипата на Вардар за победата и и посакувам успех во Лигата на шампионите, да стигне што е можно подалеку, бидејќи тоа е успех и за македонскиот ракомет. Денеска одигравме колку што можевме, ако се знае дека вчера сменивме три авиони за да стигнеме во Скопје, а утрово дури и одработивме тренинг. Мојот тим се бореше добро, колку што можеше, но сепак, тоа што посебно ме разочара е делењето на судиската правда, поточно на неправда на денешниот натпревар. Ние работиме добра работа, но се чини дека тоа некому му пречи. Горд сум на мојот тим, бидејќи ја имаме најмладата надворешна бековска тројка, во која Талески, Кузмановски и Велковски имаат по 20, односно 19 години, изјави хрватскиот стручњак.
Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес задоволен од резултатот по кој неговиот тим се зацврсти на врвот на табелата во регионалното натпреварување.
– Металург денеска одигра квалитетен натпрeвар и беа подобри од нас во првото полувреме. Сепак, треба да бидеме задоволни бидејќи сме на врвот на Регионалната лига и во Лигата на шампионите, што не е мала работа, рече Гонзалес.