Ракометарите на Металург ги чека нов предизвик во регионалната СЕХА лига, дуел со Татран Прешов.
Во редовите на тимот од Автокоманда се свесни дека ќе биде тешко против словачката екипа која во четвртокот како гостин го победи Нексе со 31-25.
Металург досега одигра три натпревари во СЕХА лигата и сите три (Вардар, Веспрем и Мешков Брест) ги загуби минимално. Затоа тренерот Лино Червар верува дека конечно е дојдено време за победа, но за да се стигне до неа, неговите избраници ќе мораат добро да се помачат.
– Татран е екипа која е еднаква како и ние и сигурно располага со сила како и екипите во нашата група од Лигата на шампиони (ЛШ). Имаат одлични играчи во своите редови, не за бадијала се најдобра екипа во Словачка. Ниту еден натпревар не е лесен, ќе мора да ги намалиме техничките грешки ако сакаме успех. Имаме повредени ракометари (Милош Драгаш, Немања Младеновиќ и Мартин Велковски), но тоа е што е, одиме понатаму и ќе ги искористиме сите средства за победа во СЕХА. Против Мешков покажавме одредени слабости кои очекувам да ги поправиме. Дуелот со словачкиот тим ќе биде голем испит за нас пред Елверум во ЛШ, изјави Червар на денешната средба со новинарите.
Натпреварот Металург – Татран Прешов ќе се игра во недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20 часот и 30 минути.
Утре, македонскиот шампион Вардар ќе гостува во Словенија кај екипата на Целје во меч кој ќе започне од 18 часот.