Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта не крие дека една од неговите најголеми желби е враќањето на Лионел Меси на „Камп Ноу“. Тој во неколку наврати изјави дека има морален долг кон Аргентинецот и се надева дека Меси ќе се врати да ја заврши кариерата во Каталонија.
За враќањето на Лионел Меси проговори и неговиот поранешен соиграч, сега тренер на Барса, Чави Ернандез.
„Посакувам да не заврши времето на Меси во Барселона. Тој заслужува втора шанса. Би сакал да се врати. Апсолутно сум за тоа”, изјави Чави.
Меси не е најсреќен во ПСЖ, во дресот на „светците“ ја одигра една од најслабите сезони во кариерата, не беше ни блиску до освојување на Лигата на шампионите, поради што беше доведен во клубот.
Згора на тоа, легендарниот Аргентинец не е прва ѕвезда на тимот, таа улога ја презеде Килијан Мбапе, кој е обожуван во Франција, додека седумкратниот освојувач на „Златната топка“ беше исвиркуван од навивачите на „Паркот на принцовите“.
Меси има 35 години, има уште една сезона под договор со парижаните, по што не би имало никакви пречки да се врати во Барса на радост на навивачите и да биде дел од новиот проект на клубот кој сака повторно да биде најдобар во Европа.
Извор: Топспорт