Британецот лорд Кое, поранешен олимписки и светски шампион и светски рекордер на 1.500 метри, е избран за нов претседател на Светската атлетска федерација (ИААФ).
На гласањето што се одржи во Пекинг, на три денови пред почнувањето на Светското првенство во атлетика, што овојпат се одржува во кинескиот главен град, Кое доби 115, додека неговиот противкандидат, Украинецот Сергеј Бубка, 92 гласови.
Себастијан Кое (58) на оваа функција го наследува Сенегалецот Ламине Диак (82) кој на чело на светската атлетика беше 16 години.
Смената на раководната функција во ИААФ доаѓа во време на бурни превирања во светската атлетика, поради бројните сомневања и обвинувања за допингувани атлетичари.
Кое беше претседател на организациониот комитет на Олимписките Игри во Лонодн во 2012 година, а потоа кусо време и советник на британската влада околу реалицијата на наследството од Олимпијадата и унапредувањето на британскиот спорт.
На Олимпијадите во 1980 и 1984 година, тој освои златни медали на трките на 1500 метри, а победуваше на светските атлетски првенства.
Во 80-те години на 20 век, заедно со своите другари од репрезентацијата, Стив Крем и Стив Овет, претставуваа водечка тројка во британската светската атлетика на средните патеки.
Во 1992 година, Себастијан Кое влезе во политиката, кога беше избран за пратеник на британската Конзервативна партија, но во Парламентот беше само еден мандат, затоа што загуби на изборите во 1997 година.
Подоцна, беше избран за член на Горниот дом на Парламентот и ја доби титуката лорд.
Веднаш по изборот за претседател на ИААФ тој ја најави својата анти-допинг агенда и вети брзо расчистување на состојбите кои потресуваат светската атлетика.