БМВ потврди дека на Саемот на автомобили „Франкфурт 2013“ ќе го представи спортскиот плаг-ин „Хибрид и8“.
Посетителите на оваа манифестација на овој начин, покрај со „БМВ и3“ ќе имаат можност да се запознаат со уште еден модел што за погон ќе користи електрична енергија.
Меѓутоа, за разлика од малиот градски автомобил на струја, „БМВ и8“ покрај електромотор ќе има и бензински агрегат, чија моќност, исто така, ќе се пренесува на тркалата на автомобилот.
Автомобилот не би требало визуелно премногу да се разликува од концептот од 2011 година. Овој спортски хибрид ќе има маса од 1.450 килограми, благодарение на употребата на материјал од јаглеродни влакна, а по перформансите ќе биде сличен на „БМВ М3“, имајќи го пред вид фактот дека од 0 до 100 километри на час ќе стигнува за помалку од пет секунди.
Иако БМВ се уште официјално не ги објави спецификите на моделот „и8“, се очекува електромоторот да развива 170 коњски сили (125 киловати) и 250 Нм, а 1.5-литарскиот турбо-полнет трицилиндричен бензинец уште 223 коњски сили.
Автомобилот ќе може да користи само бензински, само електрични или и двата мотора заедно, а ако се вози само на струја, ќе има автономија од околу 32 километри.
Просечната потрошувачка се проценува на три литри на 100 километри.
БМВ планира годишно производство на 10.000 модели, а цената на еден примерок ќе изнесува над 100.000 евра.