„БМВ“ до 2021 година во своите сериски модели ќе воведе систем што ќе овозможува целосно автоматизирано возење, се наведува во соопштение на овој германскиот производител на автомобили.
На проектот за самовозечки автомобили, баварската компанија соработува со најголемиот светски производител на чипови, „Интел“, и израелската компанија „Мобилесе“, која автомобилската индустрија ја снабдува со различни видови сензори и системи за асистенција на возачот.
Како и многу други производители на автомобили, „БМВ“ веќе извесно време работи на технологијата на авто-пилот, а паралелно со тоа планира до 2021 година да ја лансира новата генерација електрични модели во кои ќе биде применета оваа технологија. Најавата за самовозечки автомобили се поклопува со прославата на стогодинината на „БМВ“.
По овој повод, компанијата неодамна претстави три футуристички концептни автомобили, по еден од секој од трите авто-бренда („БМВ“, „Ролс-Ројс“ и „МИНИ“) што се во сопственост на германскиот производител. Важно е да се напомене дека „БМВ“ најави дека ќе произведува сериски модели со систем за целосно автоматизирано возење, за разлика од денешната технологија на делумен авто-пилот со која се опремени одделни современи модели на автомобили, како „Тесла С“.
Самовозечкиот автомобил на „БМВ“ ќе биде во рангот на оној што веќе со години се развива во компанијата „Гугл“, што значи дека компјутерот во целост ќе може да го преземе возењето, без потреба за интервенција на возачот.
Интересно е што ова соопштение на „БМВ“ доаѓа во момент кога сите светски медиуми пишуваат за несреќата во која загина возач на моделот „С“, на компанијата „Тесла Моторс“, кога неговиот автомобил се заби во камионска приколка додека бил во мод на авто-пилот. Несреќата се случила уште во мај, а „Тесла Моторс“ за тоа ја информира јавноста дури кон крајот на јуни. Истрагата за оваа несреќа е во тек, а нејзините резултати ќе може да имаат влијание врз брзината на воведување на самовозечките автомобили во сообраќајот на јавните патишта.