Македонија ќе биде дел од ФИФА светското првенство за жени до 20 години благодарение на линиската судијка Билјана Атанасовски.
Првенството ќе се одржи во Папуа Нова Гвинеја во периодот од 13 ноември до 3 декември оваа година.
Атанасовски со своите одлични изведби и оценки како линиски судија успеа да влезе во потесниот избор на ФИФА во конкуренција на судии од целиот свет. На првенството учествуваат 16 земји, а правдата ќе ја делат 14 судиски тројки, од кои 5 се од Европа.
– Кога го добив повикот бев навистина возбудена. Минатата година бев дел од судискиот тим на Европското првенство за жени до 19 години во Израел, каде стигнав до финалето. Меѓутоа, конкуренцијата на светско ниво е навистина голема, и за мене претставува огромна чест што ќе ја имам можноста да ја претставувам Европа, но пред се Македонија на едно вакво натпреварување. Се радувам што сите ангажмани во изминатата година ми беа оценети високо, што секако придонесе да бидам земена во предвид за вакво светско натпреварување, изјави Билјана Атанасовски.
Пред патувањето во Папуа Нова Гвинеја таа има уште еден голем предизвик, натпреварот помеѓу женските репрезентации на Република Ирска и Португалија од квалификациите за европското првенство во Холандија во 2017 година.