Водечките белгиски фудбалски екипи денеска поддржаа можна заедничка лига со холандските тимови.
Како што официјално е соопштено, Генералното собрание на белгиската Про Лига изгласа едногласна поддршка за „начелен договор“ околу новото натпреварување, што ќе го носи името „BeNe“ лига.
-Оваа амбиција почива подеднакво на почитување на спортските амбиции на големите клубови, како и на потребата од економска стабилност за другите професионални тимови, се наведува во соопштението од белгиската лига.
Холандските и белгиските клубови со месеци разговараат околу деталите и форматот на новото натпреварување, но формалниот предлог допрва треба да биде претставен.
Проектот предизвика загриженост меѓу дел од навивачките групи, кои стравуваат дека би биле фаворизирани само големите клубови од двете земји.
Белгиските медиуми објавија минатата година дека ревизорската куќа „Дилојт“ пресметала оти спојувањето на двете лиги би можело да донесе профит од 400 милиони евра во маркетинг и телевизиски права.