Ауди официјално потврди и објави цртеж од новиот електричен СУВ модел, што најверојатно ќе го носи името „Ку6 е-трон“.
Германската компанија на актуелниот Саем на автомобили во Женева го претстави својот прв електричен сериски модел „Р8 е-трон“, но плановите за електрична гама модели на компанијата не завршува тука.
Шефот на инженерскиот оддел на Ауди Др. Улрих Хакенберг моделот „Р8 е-трон“ го опиша како „техничка основа“, а лекциите научени од неговото претставување во сериска понуда ќе помогне за големо семејство СУВ модели со нула емисија на штетни гасови до 2018 година.
– На почетокот на 2018 година ќе претставиме спортско возило со погон на батерии во сегментот на големи премиум возила со радиус на движење од над 500 километри. Ќе има нов атрактивен дизајн, што го развиваме специјално за „е-трон“ линијата на возила со погон на батерии. Ова спортско возило ќе биде разработено на втората генерација на модуларната МЛБ 2 платформа, истакна Хакенберг.
Според шефот на инженерскиот оддел моделот најверојатно ќе го носи името Ку6 е-трон и ќе се најде во просторот меѓу Ку5 и Ку7 моделите.