Македонскиот кошаркар Перо Антиќ во изјава за српските медиуми соопшти дека ја игра неговата последна сезона. Тој пред почетокот на 2017/18 од Фенербахче прејде во Црвена ѕвезда, клубот за кој изјавуваше дека му е во срцето.
– Јас сум 12 години постар од првото доаѓање во Црвена ѕвезда. Прекрасно е што се враќам во клубот што го сакам. Мислам дека ова ќе биде последната година од мојата кариера, да завршам во Ѕвезда, токму како што сакав, изјави Антиќ.
Поранешниот македонски репрезентативец се откажа од многу побогат договор за повторно да го облече црвено-белиот дрес.
– Дојдов на мое инсистирање и се одреков од голем дел од договорот, но парите не се секогаш најважни. Сакам да ја завршам кариерата како што треба, во клуб каде сум опуштен и каде ќе играм за навивачите. Плус ќе бидам и блиску до мојот дом, потенцира Антиќ.
Тој е првиот Македонец што играл во НБА лигата (Атланта). Пред ова сезона беше дел од Фенербахче, а уште настапувал и за Олимпијакос, Спартак Санкт Петербург, Лукоил, Локомотив Кубан, АЕК и Работнички.