Анатолиј Карпов, еден од најдобрите светски шахисти, ќе биде специјален гостин на Меѓународниот шаховски турнир „Опен Карпош 2013“, што ќе се одржи од 9 до 16 март годинава.
За турнирот што го организираат општина Карпош и шаховскиот клуб „Гамбит Ассеко СЕЕ“, досега се пријавени 130 шахисти од кои 80 се странски, од 26 земји. Најбројни се шахистите од соседна Србија со 16 учесници, потоа следат Грците со девет и Бугарите со осум шахисти. Наградниот фонд на третото издание на турнирот изнесува 50.000 евра од кои 4.500 ќе ги добие победникот.
Поранешниот светски првак Антолиј Карпов е роден во Златоуст, Русија во 1951 год. Тој научил да игра шах на четири години, а на 15-годишна возраст станал најмлад советски играч што некогаш ја добил наградата национален мајстор. Многу бргу напредува, па веќе на 24 години во 1975 година станува светски првак во шах.
Титулата светски првак ја задржува до 1984 година кога во маратонски меч по 48 партии од кои 24 последователни реми партии против Гари Каспаров, бара мечот да биде одложен. ВО наредната 1985 година Карпов ја губи титулата од Каспаров.
Велемајсторот Анатолиј Карпов важи за еден од најдобрите светски шахисти на сите времиња, поради неговата неколкудецениска прва позиција помеѓу шаховската елита. Освоил преку 160 први места на турнири и достигнал рејтинг од 2.780 поени.