По неколкумесеци шпекулирања, официјализирана е веста за соработката меѓу „АМГ“ оделот на „Мерцедес“ и „Астон Мартин“. Според соопштението што го објавија двете компании конечната спогодба треба да биде постигната до крајот на 2013 година.
За сега е обелоденето дека со договорот на „Астон Мартин“ ќе му биде овозможен пристап до ресурсите на „Мерцедес“ и „АМГ“, со заеднички сили да го развијат новиот В8 мотор што ќе ги движи новите модели на британскиот производител на луксузни спортски автомобили.
– Го избравме „АМГ“ како база за развој на идниот мотор, при што нашите автомобили и натаму ќе го задржат единствениот стил и карактер што ги краси сите овие 100 години, изјави шефот на одделението за развој во „Астон Мартин“, Иан Минардс.
– Горди сме заради соработката со „Астон Мартин“ и фактот дека токму ние ќе бидеме тие кои ќе ги снабдуваат со новиот мотор и другите компоненти. Тоа што не избраа за партнер е потврда на технолошките квалитати што ги поседува „АМГ“, изјави директорот на „АМГ“, Ола Каллениус, и додаде дека оваа спогодба претставува полн погодок за двете страни.
Освен моторот, „Астон Мартин“ за новата серија модели што ќе бидат придвижувани од В8 агрегат ќе искористи и одредени компоненти од електричните и електронските склопки на „Мерцедес“.
За возврат, сопственикот на „Мерцедес“, компанијата „Дајмлер“, ќе има влог во сопственоста на „Астон Мартин“, што ќе се движи до пет проценти, во зависност од динамиката на реализација на договорот.
Зад целата приказна за соработката се наоѓа потребата гама моделите што се произведуваат во „Астон Мартин“ да се вклопат во еколошките стандарди што во иднина ќе бидат дополнително заострени.