Кошаркарите на САД изборија пласман во полуфиналето на Светското првенство во кошарка откако синоќа во Барселона во второто четвртфинале ја победија Словенија со 119:76. На полувремето светските прваци (САД) имаа водство од 49:42, а вториот дел го решија во своја корист со 70:34.
Кај Американците најефикасен беше Клеј Томсон со 20 поени (4 тројки), додека Кенет Фарид (14 поени и 10 скокови) и Ентони Дејвис (13 поени и 11 скокови) имаа „дабл-дабл“ учинок.
Во првиот четвртфинален дуел Литванија ја победи Турција со 73:61.
Полуфиналето меѓу САД и Литванија ќе се одигра во четврток во Барселона.
Денеска во Мадрид се играат другите два четвртфинални натпревари. Од 18 часот играат Србија – Бразил, а од 22 часот е дуелот на европскиот шампион Франција против домаќинот Шпанија.