„Алфа Ромео 8Ц 2900Б Лунго Спајдер“ од 1939 година може да влезе во историјата како највреден автомобил на оваа италијанска марка.
Се проценува дека на претстојната аукција на класични автомобили овој модел ќе достигне цена од дури 25 милиони долари!
Иако „Алфа Ромео“ во моментов не е на своето некогашно ниво, брендот со богата историја и сјајни резултати во производството на спортски и тркачки автомобили се обидува да ја поврати позицијата што своевремено ја имаше во авто-индустријата.
Во времето кога настанала, „Алфа 8Ц 2900“ се сметала за еден од најнапредните спортски автомобили. Под хаубата се наоѓал осумцилиндерски мотор со зафатнина од 2.905 ццм, со 180 кс.
Примерокот што на 20 август ќе се нјаде на аукција во Монтереј, во Калифорнија, е произведен во 1939 година, но му се губи трагата во периодот до 1949 година кога е увезен од Италија во Бразил. Истата година, автомобилот го освоил првото место во трката на патеката Интерлагос.
Во следните неколку децении, на оваа „Алфа“ се извршени големи модификации. Меѓудругото, шасијата на автомобилот е скратена за да може да се вгради нов мотор.
Возилото во седумдесетите години од 20 век повторно го минало океанот и се вратило во Европа, а кон крајот на 90-тите извршена е целосна реставрација.
Обновената „Алфа“ во 1999 година беше изложена на изложбата „Pebble Baech“ на конкурсот за елеганција во САД, каде го освои второто место во својата класа.