Грчката крајнодесничарска партија Златна зора формирала цела мрежа соработници и привзраници и дури располагала со свои луѓе во 35 полициски управи низ земјата, соопштуват медиумите.
Полициските станици буквално биле претворени во „змиски гнезда“, пишува весникот „Етнос“ со коментар дека „карциномот“ на Златна зора стигнал дури до полицијата. Во врска со овие откритија властите привеле десет полицајци.
Се тврди дека претставници на органите на редот покажале трпеливост и прикривале незаконски дејанија, извршувани од неонацистите на Златна зора низ цела земја.
Констатирани се над 80 случаи на расистичко насилство, во кои се замешани и полицајци. Повеќето од случаите за врски на полицајци со активисти на партијата се регистрирани во полициски станици во областа Атика и посебно во центарот на грчката престолнина. Властите истражуваат и други вакви случаи.
Лидерот на Златна зора беше уапсен заедно со други членови на партијата, како дел од напорите на владата за справување со неонацистичката партија, откако нејзин активист уби рапер со антифашистички погледи.