Мерките за штедење во Грција ги доведоа во опасност животите на пациентите затоа што повеќе од 20 проценти од одделенија за интензивна нега во земјата се затворени, а во следните месеци се очекува тој број да биде поголем, јави дописникот на МИА од Атина.
Ова го соопшти шефот на Грчкото здружение на медицина за интензивна нега Апостолос Армаганидис.
Тој информира дека 154 од околу 700 одделенија за интензивна нега се затворени и оти на почетокот од следната година се планира затворање на уште 50, кога ќе истечат краткорочните договори со 120 медицински сестри и 50 доктори. Армаганидис соопшти дека меѓу 30 и 40 луѓе во Грција дневно имаат потреба од интензивна нега. Тој рече дека некои пациенти веќе не се во можност да најдат место во одделенијата за интензивна нега, со што речиси двојно се зголемува веројатноста пациентите да починат од нивните болести.
Армаганидис, кој е и вонреден професор по интензивна нега на медицинскиот факултет на Атинскиот универзитет, рече дека состојбата на грчките одделенија за интензивна нега паднала на нивото од 2009 година, кога имаше обид да се поддржат овие единици, поради појавата на свински грип.
– Вработувањата запреа, многу договори не се обновени, многу од оние кои си заминаа не беа заменети и денес сме во точно назад на точката од каде што почнавме, рече тој, додавајќи дека многу лекари од интензивна нега се преселиле во странство.
Грција има мал број на одделенија за интензивна нега во споредба со просекот на Европската унија. Во Грција има пет единици на 100.000 жители, во споредба со 11,6 за цела Европска унија. Австрија, Луксембург и Германија во просек имаат по околу 20 одделенија за интензивна нега на 100.000 граѓани.