Еден човек е убиен, а друг е ранет кога жена денеска отвори оган во суд во Атина. Престрелката се случи на првиот кат од зградата број девет во судскиот комплекс Евелпидон.
Убиениот човек требало да излезе пред суд за убиство на тинејџер во Зефри, северно од Атина, што се случило минатата година. Се претпоставува дека 33-годишната жена која пукала била роднина на убиеното дете.
Полицијата веднаш ја уапсила. Грчките медиуми јавуваат дека напаѓачката и жртвата се припадници на ромската заедница. Се уште се испитува како жената успеала да го внесе пиштолот во судот кога сите посетители мора да поминат покрај детектор за метал.