Жак Рупник: Политиката на Балканот не се води врз основа на анкети

Од:

Политиката на Балканот не смее да се води врз основа на анкети, вели директорот за истражување на политички науки на Меѓународниот центар за истражување од Париз, Жак Рупник во интервјуто за парискиот демохристијански весник „Ла Кроа“.

Како што јави дописникот на МИА, Рупник во оценката на одлуката на Франција да го блокира проширувањето на ЕУ, наведува дека францускиот претседател Емануел Макрон направил „историска грешка“.

– Не мислев дека Франција ќе отиде толку далеку и ќе се изолира со одлуката да го блокира започнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Холандија, која не се спротивставуваше на преговорите со Северна Македонија, на пример, сакаше да се раздвојат двете земји, вели Рупник.

Францускиот претседател својот став за блокирање на проширување на ЕУ кон Северна Македонија и Албанија, што предизвика многу критики, го правдаше со потреба „да се реформира функционирањето на Унијата пред да примат нови членки“.

– Го слушам аргументот што Емануел Макрон го промовира повеќе од една година: „прво мора да ја реформираме куќата Европа, пред да поканиме нови станари“. Секако, но ништо не спречува да се отворат преговори за време на тоа (реформирање). Промените во ЕУ нема да влијаат на започнувањето на преговорите. Вистинскиот проблем е што ние како Европејци, не ги преземаме овие промени., додава експертот за Балканот.

Во однос на аргументот на Франција дека јавното мислење „не е за понатамошно проширување“ на ЕУ, Рупник нагласува дека „политиката на Балканот, не смее да се води врз основа на анкети“.

– Потсетувам дека во 2003 година во Солун, ЕУ се обврза да му даде европска перспектива на целиот Балкан. Тогаш се смени методологијата на преговори со кандидатите. Таа почна со стартот на преговорите со Србија и Црна Гора. Сега се почнува со најтешките поглавја, како што е владеењето на правото, за да се заврши со најлесните. Претходно се правеше обратно и сигурно е дека тоа беше премногу брзо со Романија или Бугарија, оценува Рупник за „Ла Кроа“

Тој наведува дека Северна Македонија и Албанија добија статус на земја кандидати за членство во ЕУ во 2005 година, а но не започнаа преговори ни 14 години подоцна, иако спроведоа повеќе реформи.

– Би сакал да се навратам на случајот со Северна Македонија. Оваа земја од поранешна Југославија не доживеа никаков голем етнички конфликт. Односите се мирни меѓу словенското мнозинство и албанското малцинство. Проевропската коалиција дојде на власт во 2016 година. Таа успеа да го надмине грчкото противење за влез во ЕУ, со тоа што се согласи да го смени името на својата земја. Овој влог, на кој се противеше јавното мислење, беше направен во името на европската перспектива. Во Франција не го мериме значењето на симболиката на оваа одлука, особено по една деценија на националистички режим што работеше на промена на историјата на оваа земја. Денес, сето ова е торпедирано со француската одлука, заклучува францускиот експерт за Балканот во интервјуто за весникот „Ла Кроа“.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ