Првично три воени авиони од Холандија ќе пристигнат во Бугарија за заедничка заштита на воздушниот простор на земјата, објасни бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков во кулоарите на Народното собрание во врска со владината одлука од 8 март.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Заков, нема директна воена закана за Бугарија.
Заков објасни дека станува збор за најмногу осум авиони Ф-35, а во почетокот ќе дојдат три, ако треба поради некоја причина може да се зголемат, а оние до 200 војници се персоналот што ги обезбедува авионите бидејќи им треба сериозно одржување, дури и кога се на земја.
Бугарскиот министер за одбрана изјави дека првите холандски авиони треба да пристигнат од почетокот на април, а рокот за нивниот престој може да биде продолжен или скратен.
Заков коментираше дека Ф-35 е авион од петта генерација и дека за прв пат ваков тип на авиони ќе биде распореден во регионот. Според него, ова ќе биде шанса за бугарското воено воздухопловство да се запознае со таква опрема и механизација. Во врска со одлуката на бугарската Влада, министерот за одбрана Заков истакна дека тоа не е ништо ново.
Како што јави претходно дописникот на МИА од Софија, заменик-претседателот на парламентарната комисија на БСП Филип Попов соопшти дека министрите на Бугарската социјалистичка партија гласале против доаѓањето на холандски ловци во Бугарија за да се помогнат во заштитата на бугарскиот воздушен простор.
Извор: МИА