Во септември на островите во источниот дел на Егејското Море што се наоѓаат воблизина на турското крајбрежје пристигнале над 10 илјади бегалци и мигранти, согласно анализираните официјални податоци.
Грчката влада, секојдневно објавува статистика за нови пристигнувања на Лезбос, Самос, Хиос, Лерос, Кос и останатите острови (Родос, Карпатос, Фармакониси, Сими), па со пресметаните податоци добиени на дневна основа, минатитот месец, односно од 1 до 30 септември 2019 биле регистрирани 10596 нови пристигнувања.
Рекорден број се забележува минатиот четврток, на 26 септември – 819 лица, а најмалку на 8 и 15 септември, кога пристигнало само 51 лице. Во изминатиот месец не постоел ден, а да не пристигнат нови чамци со бегалци и мигранти од Турција, додека во просек, дневно стигнувале 353 лица.
Паралелно со пристигнувањата, со цел да се намали бројот на лица сместени во прифатните центри на островите, според истите податоци кои ги анализира МИА, 5399 бегалци и мигранти биле пренесени во кампови во внатрешноста на Грција.
Заклучно со последниот ден од септември, на грчките острови во близина на турското крајбрежје престојуваат 30381 лице, од кои најголемиот број -14765 се на Лезбос.
Во прифатниот центар за идентификација Мориа на Лезбос, што е има капацитет да прими 3000 лица, сместени се 12565 бегалци и мигарнти.
На островот Самос, за девет пат е поголем бројот на луѓе што престојуваат во однос на можностите. Во прифатниот центар наменет за 648 лица, има 5802 бегалци и мигранти.
На островот Хиос капацитетот е за 1014 лица, а сместени се 3457, додека пак на Кос, во центар наменет за 816 луѓе, престојуваат 3217 бегалци и мигранти.