Од денеска, Владата на Кипар го укинува масовното бесплатно тестирање за коронавирус за да промовира вакцинација против Ковид-19. Во исто време, од денеска, се зголемува бројот на места каде тестот е задолжителен како дел од „безбедната пропусница“.
Брзите тестови, кои досега бесплатно ги даваше Министерството за здравство, сега ги плаќаат граѓаните. Максималната цена што ја постави министерството е 10 евра. Досега, Владата плати 26 милиони евра за брзи тестови.
Само во последните две недели, речиси 885.000 брзи тестови беа извршени на Кипар, колку што е и вкупното население во земјата. Вчера на последниот „бесплатен“ ден, беа направени повеќе од 94.000 брзи тестови.
– Државата обезбедува бесплатна вакцина за сите граѓани и, откако ќе имаат можност да се вакцинираат, нема да им требаат брзи тестови. Но, бидејќи тие самите одлучија да не ја примат вакцината, сметаме дека нивна должност е да платат за брзи тестови, – објасни министерот за здравство Михалис Хаџипанделас.
Невакцинираните луѓе сега ќе треба да плаќаат за тест двапати неделно за да добијат „безбедна пропусница“ („SafePass“). Од денеска, овој сертификат, кој потврдува вакцинација, прележан вирус или негативен тест не постар од 72 часа, е задолжителен за пристап до сите места во затворени простории и на отворено, каде што можат да се соберат повеќе од 10 луѓе.
Бесплатното тестирање останува во сила само за шест групи на население, како што се малолетници или луѓе кои од различни медицински причини не можат да се вакцинираат.