Претседателот на црногорското граѓанско движење УРА и член на новото парламентарно мнозинство во Црна Гора, Дритан Абазовиќ, изјави дека новата влада има многу работа, претежно на економско и здравствено поле и дека еден од најголемите приоритети ќе биде интензивната борба против корупцијата.
Тој за Адриа Телевизија го спомена и извештајот на Европската комисија, во кој се вели дека судството во Црна Гора не е независно.
„Доколку има потреба од донесување на посебни закони, ние ќе ги донесеме. Државата е доведена на работ на егзистенција од корупцијата, а наша задача е да ја прекинеме таа практика по секоја цена“, посочи Абазовиќ.
Абазовиќ го повика Врховниот јавен обвинител да замине сам од позицијата за да не биде променет низ постапка.
Тој исто така зборуваше и за реваншизмот меѓу партиите во Црна Гора.
„Не сакаме да се одмаздиме, но тоа не значи дека нема да има правда. Ова не ја исклучува одговорноста на јавните службеници, како и на највисоките државни службеници и оние кои го прекршиле законот. Нема бегање од одговорност“, истакна Абазовиќ.
Според него, се разгледува детален план за реформа на безбедносните служби, следејќи го примерот на чешкиот модел.
„Ние мора да влеземе во длабинска реформа и не можеме да го напуштиме секторот како што беше случај во минатото“, рече тој.
Коментирајќи ја неодамнешната средба на претставниците на трите победнички изборни листи со претседателот Мило Ѓукановиќ, Абазовиќ изјави дека таа се одвивала во нормална атмосфера и дека сите тие покажале поголема зрелост отколку што се мислеше.
„Ако продолжиме така, ќе биде добро. Претседателот треба да се држи до своите уставни овластувања, како и ние до нашите. Немаме проблем со соживотот“, заклучи Абазовиќ со очекување дека новата експертска влада ќе биде избрана до 8 ноември.