Најзначајните 150 странски инвестиции во изминатите 12 години на Србија и донеле 15,96 милијарди евра, а најмногу инвеститори има од Германија, соопшти Националната алијанса за локален економски развој (НАЛЕД).
Најмногу инвестии се регистрирани во автомобилската индустрија 21, прехранбената 18, банкарството и осигурувањето 15 и градежната индустрија 10, покажуваат податоците на првата интегрирана база на податоци за странски инвестиции, изработена од НАЛЕД.
Најголема инвестиција останува Теленор со 1,6 милијарди евра, а следи Газпромњефт со 947 милиони евра, Фиат со 940 милиони евра, Делез со 933 милиони ерва, Агрокор со 614 милиони евра, Филип Морис со 611 милиони евра, Мобилком Австрија со 570 милиони евра, Салфорд, Еуробанка, Меркатор и Рајфајзен со по 500 милиони евра.
Споредено по земји, најголем број инвеститори има од Германија 30, Австрија 23, Италија 18, Словенија 16 и Франција 12.
Доколку се земе во предвид висината на инвестициите на прво место е Италија со 1,99 милијарди евра, следи Австрија со 1,96 милијарди евра, Норвешка со 1,6 милијарди евра, Белгија со 1,48 милијарди евра и Грција со 1,23 милијарди евра, додека САД, Русија и Германија сите се над 1,1 милијарда евра.
Најмногу пари се инвестирани во банкарскиот и осигурителен сектор 3,04 милијарди евра, прехранбената индустрија и ИТ секторот по 2,2 милијарди евра, трговскиот сектор со 1,7 милијарди евра, автомобилската индустрија со 1,54 милијарди евра и енергетиката со 1,42 милијарди евра, додека останатите сектори се со инвестиции под една милијарда евра.
Најмногу инвестиции се регистрирани во 2003 година, вкупно 21 инвестиција, додека на второ место е 2010 година со 17 инвестиции.