Србија е во исчекување на аболицијата на шефот на државата Александар Вучиќ, што ќе влијае на натамошните чекори на опозицијата и на протестите, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ денеска изјави дека има намера утре да го разгледа помилувањето, но и дека нема целосно такви овластувања.
– Одделни лица се казнети прекршочно, а за други се води преткривична постапка. Јас, во самата кривична постапка, а не само по пресудата, имам право на носење одлука за помилување. Но, во прекршочна постапка такво право немам, изјави српскиот претседател.
Тој додаде дека се надева и сака лицата кои се осудени прекршочно да бидат ослободени во второстепената и апелациска постапка, бидејќи смета дека се „одговорни оние кои ги имаат злоупотребено“.
Вучиќ на прес-конференцијата истакна и дека државата нема да дозволи упад на ТВ Пинк и блокада на сообраќајниците, како што најави денеска лидерот на опозициската десничарска партија Двери, Бошко Обрадовиќ.
– Сакате да им упаѓате на луѓето во куќите? Замислете некој да каже дека следна е некоја друга телевизија, ќе не линчувате. Дали мислите дека е нормално да упаднеш и да ги тепаш луѓето во приватна сопственост?, праша Вучиќ.
Говорејќи за можна блокада на патиштата, Вучиќ изјави дека опозицијата „може само да се обиде да ги блокира“.
– Секој кој што ќе ги блокира сообраќајните правци ќе одговара во согласност со законот, тие повеќе нема да го злоупотребуваат нормалниот свет, додаде Вучиќ.
Обрадовиќ денес покрај можната најава за упад во ТВ Пинк, оцени дека е „алармантен“ повикот на Вучиќ до членовите на неговата Српска напредна партија (СНС) в неделата да се соберат пред партиските канцеларии во сите градови во Србија и да бидат подготвени да заминат за Белград „за да се пресметаат со демонстрантите“, што е првпат еден политичар на власт да ги повикува своите приврзаници да влезат во еден вид граѓанска војна.
Опозицискиот блок Сојуз за Србија (СзС) изрази протест за апсењето на десетте ученици и студенти, како и дека сето ова е „под влијание на Александар Вучиќ, кој е и полицаец и обвинител и судија и кој одлучува да се апсат деца, а не оние кои се одговорни за протестите. СзС порача дека чека Вучиќ да ги ослободи приведените, а ако тоа не се случи, решен е да ги интензивира протестите, без да најави на кој начин и кога.