Српскиот вицепремиер и министер за одбрана Александар Вучиќ за време на посетата на базата „Добросин“ кај Бујановац изјави дека наскоро државата ќе реагира во врска со спорниот споменик во Прешево.
Вучиќ на прес-конференцијата не прецизираше точно кога споменикот на загинатите припадници на расформираната Ослободителна војска на Прешево, Бујановац и Медвеѓа (ОВПБМ) ќе биде отстранет, но додаде дека никој не може да се однесува „противправно“ и како причина за тоа да бара во етничката припадност.
– Албанците бараа интернационализирање на проблемот, но сметам дека тоа не им оди во прилог како во 2001 или 2002 година. Тие тука не се загрозени. Постојат некои вжештени глави кои мислат дека како политичари треба да испраќаат закани до државата. Сметам дека тоа се политички фрази, но сосема сме подготвени да го заштитиме уставниот поредок на Србија, истакна српскиот вицепремиер.
Тој додаде дека законите и Уставот на Србија мораат да се почитуваат и согласно тоа „државата ќе преземе чекори по прашањето за спорниот споменик во центарот на Прешево“.
– Го почитуваме ставот на меѓународната заедница, а тие сметаат дека тоа е внатрешно прашање на Србија. на сите им е јасно и е сосема очевидно дека претераа, нагласи Вучиќ.
На вчерашната седница на албанските општински советници од трите општини во јужна Србија беше усвоена декларација со која се отфрла барањето на српската Влада за отстранување на споменикот на ОВПБМ, а се бара и интернационализација на овој проблем.