Началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ и министерот за одбрана, Милош Вучевиќ одржаа прес-конференција на која разговараа за ситуацијата на Косово и обвинувањата дека српската армија планира поголема акција на ова подрачје.
Министерот Вучевиќ објасни дека Србија има одлична соработка со КФОР и покрај постоечките политички разлики.
„Со години, а особено со доаѓањето на Курти, нашиот државен врв ја предупредува јавноста за притисок, малтретирање и физички прогон на српскиот народ на Косово. Соработката со КФОР е со взаемно почитување, едно се нашите политички разлики, а друго е соработката на терен“, рече министерот Вучевиќ.
Тој, исто така, ги отфрли обвинувањата од Косово дека Србија обучувала и вооружувала Срби на Косово.
„Како доказ на Курти му служат наводно одземеното оружје и воената опрема што ги покажаа претходните денови, што укажува дека тоа оружје и воена опрема се произведени во Србија, односно во нашата воена индустрија. Го прашувам Курти, што ќе биде со фактот дека косовската полиција го користи нашето оружје. Нашите пушки ги користат нивните специјални единици. На фотографиите се нивните специјалци со пушки произведени во Србија. Ние секако не ги вооруживме. Од каде им е на Албанците српско оружје?“, рече Вучевиќ. .
Од друга страна, генералот Милан Мојсиловиќ ги негираше наводите дека Србија подготвува акција за анексија на северот на Косово.
„Српската армија е сериозна, силна организација која не толерира лаги. Навреда е за интелектот дека српската армија планирала инвазија на Косово. Ги демантирам сите наводи од Приштина“, рече Мојсиловиќ.
Тој, исто така, негираше дека Милан Радоичиќ учествувал на обука на воениот полигон кај Јагодина.
„Милан Радоичиќ не учествуваше на обуката на Пасуљанските ливади. Неколку пати беше поканет на вежбите, но не одговори. Што прави Радоичиќ на неговиот имот не е работа на војската на Србија“, рече Мојсиловиќ.