Апелациониот суд на Црна Гора го осуди Радојe Звицер, кого истражните органи го идентификуваат како водач на Кавачкиот клан на 16 години затвор за создавање криминална организација со цел меѓународен шверц на кокаин.
Со истата пресуда, Слободан Кашќелан и Игор Божовиќ беа осудени на по 13 години затвор, додека Милан Вујотиќ и Драган Кнежевиќ добија казни од по 11 години затвор.
Одлуката на Апелациониот суд ја потврди претходната пресуда на Специјалното одделение на Високиот суд во Подгорица, со што заврши првата судска постапка против оваа криминална група.
Судот ги отфрли жалбите на одбраната и обвинителството, оценувајќи дека првостепениот суд правилно ги утврдил фактите и одговорноста на обвинетиот врз основа на изнесените докази.
Според пресудата, во текот на втората половина од 2020 година, Звицер организирал криминална група со цел набавка и шверц на кокаин од Еквадор и други јужноамерикански земји во Холандија и други европски земји.
Судот заклучи дека Звицер е тој што им ги додели задачите на членовите на организацијата, обезбеди финансиски средства за набавка на дрога, организираше транспорт и донесуваше одлуки за распределба на профитот и количините кокаин меѓу членовите на групата.
Другите обвинети, според утврдената фактичка состојба, имале задача да обезбедат пари за набавка на наркотици, да пронајдат луѓе и превозни средства за транспорт и да ги извршуваат наредбите на организаторите.
Апелациониот суд заклучи дека криминалната организација дејствувала на меѓународно ниво со цел континуирано шверцување на наркотични дроги и остварување нелегален профит.
