Со грчки знамиња и со плакати со пораки „Македонија е грчка”, „Референдум сега” и извикувајќи слични слогани меѓу кои и „Овој Договор е предавство”, Грците излегоа на протест на плоштадот „Синтагма“ пред грчкиот Парламент, одговарајќи на повикот на организаторите од т. н. Комитет за одбрана на грчкиот карактер на Македонија за да го кренат својот глас против Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако закажан за 14 часот по локално време, граѓаните уште два часа претходно почнаа да се собираат пред грчкиот Парламент.
Protest in Athens over Macedonia name change
Posted by RT on Недела, 20 јануари 2019
Организаторите поставија и бина, а официјално не се соопштени имињата на главните говорници, но уште пред официјалниот почеток, на присутните им се обраќаат претставници и членови на организациите и здруженијата што го поддржуваат протестот.
Меѓу граѓаните има и поддржувачи на „Златна зора“ кои на улиците околу грчкиот Парламент фрлија флаери со пораки дека Македонија е грчка.
На „Синтагма“ заедно со граѓаните се и голем број свештени лица.
Според грчките медиуми, се очекува денес Атина да биде под драконски безбедносни мерки за да се избегнат било какви инциденти. Ангажирани се над 1500 полицајци, дронови и хеликоптери.
Очекувањата на организаторите кои нивната кампања против Договорот од Преспа ја водат во најголем дел преку социјалните мрежи, се дека денеска на Синтагма масовноста ќе биде поголема во однос на минатиот протест одржан во февруари минатата година.
Исто како и за минатогодишниот протест, така и сега, организиран е превоз од сите делови на Грција, а трошоците се на товар на самите граѓани. Организаторите велат дека само од северниот дел на земјата очекуваат над 3.000 автобуси, а нивните проценки се дека од 150 до 200 илјади граѓани во Атина ќе стигнат со автобуси.