Во последните 24 часа, во Србија се регистрирани 8.171 нови случаи на коронавирус и 45 смртни случаи, што е повторно голем број заразени на дневно ниво. Србија вчера имаше рекорден број од 8.467 заболени на дневно ниво, од 1 декември минатата година, кога беа регистрирани 7.999 новозаболени, јави дописникот на МИА од Белград.
Во последното деноноќие, тестирани се 24.847 лица, од кои 8.171 биле позитивни на вирусот, а 45 лица починаа, така што вкупниот број жртви во Србија изнесува е 8.187, објавено е на веб страницата на Министерството за здравство covid19.rs.
Вкупно во Србија досега се заразени 934.440 луѓе, а во моментов во болниците има 6.241 пациенти, од кои 243 се на респиратори.
Од 8.171 нови случаи на коронавирус, колку што беа потврдени денеска, најголем број е регистриран во Белград – 2.099, додека 16 градови забележаа трицифрен број на нови случаи.
Црвените зони брзо се полнат, а клиничкиот и болничкиот центар „Звездара“ ги наполни своите капацитети за осум дена. Од утре КБЦ „Драгиша Мишовиќ“ во Белград ќе се врати во ковид режимот, а Универзитетскиот клинички центар во Ниш е на работ на капацитетот.
Пет бебиња се позитивни на ковид, од кои најмладото има само шест дена, и тие се хоспитализирани на Детската клиника во КБЦ „Д-р Драгиша Мишовиќ“, но клиничките слики на овие бебиња се благи и не се опасни по живот.