Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци Мустафа Аканџа, ја постигнале првата спогодба за најтешката тема во преговорите за проблемот на етнички поделениот остров – таа за распределбата на териториите во идната федерална држава, информира весникот „Имерисија“.
Од почетокот на неделата двајцата лидери се наоѓаат во швајцарското одморалиште Мон Пелерин, а преговорите ќе траат до утре, пренесува БТА.
Се очекува во заеднички документ да бидат изложени позициите на двете страни во спорот, одразувајќи ги нивните погледи за територијалниот аспект на кипарскиот проблем. Тие вчера ја постигнале согласноста за него.
Двајцата кипарски лидери денеска ги продолжуваат разговорите за критериумите по кои ќе се прави распределбата на територијата на островот, во рамки на идната федерална држава.
Портпаролот на кипарската Влада препорача да се почека до утре за да се види каков ќе биде крајниот исход од дијалогот, пред да се даваат какви било заклучоци.
Воопшто не е лесно постигнување на целосна согласност за параметрите на територијата, бидејќи новото прекројување на картата на Кипар е многу болно и за двете кипарски заедници.
Кипарските Грци бараат во идната федерација поголем процент од сега окупираните територии да се вратат под кипарска грчка администрација, со што многу поточно ќе се одрази соодносот меѓу населението во двата дела на поделената земја. Самопроглената Турска Република Северен Кипар сега зазема 37 проценти од територијата на островот, а има 20 проценто учество во вкупното население.
Истовремено, кипарските Турци бараат помали територијални корекции, за минимален број луѓе да може да се преместат од местото каде живеат веќе четири децении. Тоа во пракса повторно би ги претворило во бегалци. Нивниот лидер Аканџа, пак, бара за неговата заедница да се применат четирите основни слободи на ЕУ, односно секој да добие право да купи имот и да живее таму каде самиот сака.
Паралелно со територијалниот аспект, во Мон Пелерин се разгледуваат и останатите нерешени проблеми од четирите поглавја, по кои веќе е постигнато значајно усогласување на позициите – управување и распределба на власта, прашањата на Европската Унија, економијата и сопственоста.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, под чие покровителство се одвиваат преговорите за Кипар, изрази надеж дека одлука за кипарскиот проблем ќе се донесе до завршувањето на неговиот мандат, односно до крајот на годината.