Во Љубљана денеска во попладневните часови ќе се одржат нови демонстрации на граѓани против политичката и економска елита, под мото Четврто словенечко востание.
– Нема никаква причина со заминувањето на Јанша да престанеме бидејќи клиентилизмот и корупцијата се испреплетени од двете страни на политичките полови, изјави за денешни словенечки весници еден од организаторите на протестите Урош Лубеј.
Тој додава дека „ниту Аленка Братушек никогаш не се дистанцирала од Зоран Јанковиќ кој според Комисијата за спречување корупција дејствувал подеднакво коруптивно, како и дека со тоа Позитивна Словенија покажала еднаков однос спрема јавната функција каков што имаат Јанша и Словенечката демократска партија“.
– Денешното востание е многу важно бидејќи ќе укаже дека на луѓето не им е само до заминување на Јанез Јанша туку дека ги интересираат темелни промени во системот, вели Уршула Чиповец Чеброн од Филозофскиот факултет во Љубљана.
Учесниците ќе бараат оставки од „неспособната и корумпирана политичка елита“ и предвремени избори. Организаторите најавија дека протестите ќе траат до исполнување на нивните барања. Учесниците и организаторите на протестите разгледуваат можност за формирање и своја политичка партија која би излегла на предвремени избори.