Грција бележи ново зголемување на бројот на заболени од вирусот Западен Нил, откако во изминатата седмица беа потврдени уште 23 нови случаи. Според најновиот неделен извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), од почетокот на овогодишната сезона се регистрирани вкупно 65 случаи на инфекција, додека бројот на починати се искачи на шест лица.
Здравствените власти соопштија дека најголемиот дел од пациентите развиле потешка клиничка слика. Од вкупно регистрираните случаи, кај 54 лица се појавиле симптоми на зафатеност на централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Кај останатите 11 заразени симптомите биле полесни или инфекцијата не предизвикала компликации на централниот нервен систем.
Сите шест жртви биле лица постари од 65 години, а нивната просечна возраст изнесува 79 години. Според податоците на ЕОДИ, најмладиот починат имал 66 години, а најстариот 91 година. Здравствените власти повторно предупредуваат дека повозрасните лица и пациентите со хронични заболувања се најранливи на потешки форми на болеста.
Во моментов, 20 пациенти се на болничко лекување, додека 38 лица веќе се отпуштени од здравствените установи по подобрување на нивната состојба.
Епидемиолошките податоци покажуваат дека најголем број случаи се регистрирани во областа Атика, односно поширокиот регион на Атина, каде што се евидентирани 48 инфекции. Дополнителни 13 случаи се потврдени во регионот Тесалија и во северниот дел на земјата, додека за четири случаи сè уште се спроведува епидемиолошка истрага за да се утврди местото на заразување.
Првиот случај на вирусот Западен Нил во Грција оваа година беше регистриран на почетокот на јули, а здравствените власти очекуваат дека бројот на инфекции може дополнително да се зголеми во текот на летото, кога активноста на комарците е најизразена.
Вирусот Западен Нил, кој се пренесува преку убод од заразен комарец, е присутен во Грција повеќе од една деценија. Првите поголеми епидемии беа регистрирани во периодот од 2010 до 2014 година, а по краток прекин, вирусот повторно континуирано се појавува од 2017 година до денес.
Најтешката сезона беше забележана во 2018 година, кога беа регистрирани 317 случаи на заболување и дури 51 смртен случај. Минатата година во Грција беа потврдени 96 инфекции, а девет лица починаа како последица на компликации поврзани со вирусот.
Од ЕОДИ апелираат граѓаните да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци, особено во вечерните часови, да користат репеленти, заштитна облека и да избегнуваат задржување во близина на застојани води каде што комарците најлесно се размножуваат.
