Низ Грција од шест часот утринава до 18 часот избувнал 71 пожар. Поради состојбата со пожарите, одржана е средба со група метеоролози, а потоа и состанок на Координативното тело на кој присуствуваше и министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Василис Кикилијас, објави Амна.
На средбата се разговараше за силниот ветер кој утре, понеделник и вторник ќе дува во различни региони на Грција, што ќе резултира со ризик од симултани пожари. Одлучено е сите сили на Цивилната заштита за регионите на Пелопонез, Атика, Крит, Северно и Јужно Егејско Море и Централна Грција да бидат во подготвеност поради високата опасност од пожар.
Поточно, според прогнозите на метеоролозите, засилен ветер ќе дува во северниот дел на Егејското Море, Атика, Беотија, Киклади, Крит и југоисточен Пелопонез, што ќе ја направи ситуацијата исклучително опасна за појава на пожари.
Што се однесува до пожарот што утринава избувна во шумската област Маврос Колимбос во Ласити на Крит, тој е подобар, соопшти Противпожарната служба.
Како што информираат од Противпожарната служба, се работи на неколку расфрлани жаришта над Мавро Колимбос и Кучурас во планинското подрачје, додека на други места има само чад. Противпожарната бригада ќе остане на терен во текот на вечерта, а во пожарот се повредени три лица, меѓу кои и 74-годишен маж кој со изгореници и проблеми со дишењето е префрлен во болницата Венизелио и е интубиран.
На терен работат 169 пожарникари со 12 пешадиски единици, 30 возила, а од воздух помагаат четири хеликоптери, од кои еден за координација.
Од утрово се евакуирани населбите Маврос Колимбос, Ахлија, Агиа Фоти и Галини.