Го нарекуваа еден од најважните и најобемните судски процеси во современата грчка историја, започна пред повеќе од четири години, а кон крајот на 2019 или почетокот на 2020 се очекува да заврши. Судењето на Златна зора полека влегува во последната, финална фаза.
Исказ даваат обвинетите за убиството на 34-годишниот левичарски ориентиран музичар, Павлос Фисас, кое се случи на 17 септември 2013.
Во петокот, во атинскиот суд се одржа последното рочиште пред изборите. Судовите од утре ќе бидат затворени, а ќе се отворат штом завршат парламентарните избори на 7 јули. Со отворањето ќе продолжи и судењето кое веќе е влезено во последната фаза од сослушувањата. На следните рочишта ќе даде исказ и првообвинетиот за убиството на Павлос Фисас, Јоргос Рупакиас.
Дописничката на МИА од Атина го следеше последното одржано рочиште и поразговара со адвокатите инволвирани во судскиот процес.
Во не толку полната сала за свечености на атинскиот суд, која што е отворена за сите граѓани, присутна беше и партнерката на грчкиот премиер Бети Базиана. Внимателно го следеше рочиштето од почетокот до крајот.
На 367. рочиште беа испрашани двајца од обвинети за соучество во убиството на Фисас. Во судницата заедно со останатите обвинети беше и првообвинетиот Рупакиас.
Адвокатката на семејството Фисас очекува процесот да заврши на крајот на 2019 или почетокот на 2020
Хриса Пападопулу е адвокатка, дел од адвокатскиот тим што го застапува семејството на убиениот Павлос Фисас. На обвинетите, на последното рочиште одржано во петокот им се обрати со прашања, а во разговор за МИА изразува надеж дека до крајот на годинава или на почетокот на следната ќе бидат донесени и конечните пресуди.
-Судењето трае веќе четири години. Се наоѓаме во фаза на сослушување на обвинетите, односно сме во финалната фаза на судењето и веруваме дека ќе имаме пресуда на крајот од 2019 или на почетокот од 2020, вели Пападопулу.
Во изминатиот период во Грција, реакции предизвикаа промените во Кривичниот законик, за кои адвокатката објаснува дека ќе влијаат и врз конкретниот судски процес.
-Постои една промена. Рамката за казна за водење на криминална организација беше 10 до 20 години, сега е од пет до 15 години. Што значи дека 15 години е највисоката казна. Така што, да – влијае на судењето, објаснува адвокатката од тимот на семејството на Фисас.
Golden dawn watch – адвокати кои го следат и пренесуваат секој збор кажан во судницата
За објективно и навремено граѓаните да се информираат за текот на судскиот процес, со оглед на тоа дека е забранет влезот во судницата за ТВ камерите, беше формирана иницијативата Golden dawn watch. Уште од првиот ден на судењето па се до денес, претставниците го следат и регистрираат секое рочиште. Преку нивниот сајт и социјалните мрежи пренесуваат од збор до збор сѐ што е кажано во судницата. Ги пренесуваат и прашањата на претседателот на судот и на обвинителите и одговорите на обвинетите. Не коментираат, не анализираат, само пренесуваат.
Дафни Карајани, адвокат и член на Golden dawn watch во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснува дека станува збор за иницијатива што започна од грчката унија за човекови права и други организации за покривање на судењето на Златна зора и коментира дека тие создаваат „архива за историчарот од иднината“.
-Оваа иницијатива започна бидејќи не постоеше радио и ТВ покриеност на судењето. Говориме за едно од најважните судења во современата историја на Грција, вели Карајани.
Адвокатката објаснува дека постои закон за ТВ и радио покривање на судските процеси и за да биде дозволен пренос и пристап, потребна е согласност од сите фактори инволвирани во судењето.
-Да потсетам дека за судењето на терористичката организација „17 Ноември“ имаше регуларно следење, фотографии од обвинетите. Овде, адвокатите од обраната имаа приговори и врз основа на законот треба и тие да се согласат, а штом имаа приговори, тоа не можеше да се случи. Што остана? Остана еден традиционален извештај, писмен од медиумите. Медиумите на почетокот покажаа некој вид на одбивност кон покривањето на судењето и така се формираше иницијативата која го следи процесот од првото рочиште, вели Карајани.
„9.55. Почеток на 367. рочиште во салата за свечености на судот во Атина присутни се обвинетите…“, пишуваат од Golden dawn watch на социјалните мрежи во последниот извештај од петокот, објавен директно од судницата, а на идентичен начин ги покриваат сите рочишта.
-Сега се наоѓаме во најкритичната, во крајната фаза. Очекуваме, по изборите на првото рочиште по изборите, сослушување на Пателис и на Рупакиас, вели Карајани.
Јоргос Пателис е одговорен во канцелариите на Златна зора во населбата во која беше убиен Фисас, обвинет е за соучество во убиството, но и за формирање и водење на криминалната група. Јоргос Рупакиас пак е убиецот на музичарот.
Адвокатката Дафни Карајани во разговорот за МИА потенцира дека многу сведоци на одбраната се откажаа, бидејќи од над 200 предложени, на судењето се појавиле само 69.
По убиството на Фисас се откри вистинското лице на Златна зора
Неколку часа по полноќ на 18 септември 2013 година како бомба одекна во Грција веста дека 34-годишен маж е убиен во атинската населба Керацини – левичарски ориентираниот музичар Павлос Фисас до смрт беше прободен со нож од Јоргос Рупакиас, член и поддржувач на Златна зора, јави дописничката на МИА од Атина.
Клопчето започна да се одмотува, полицијата ги извади сите стари предмети кои се однесуваат на расистички напади, ги провери телефонските разговорите на убиецот Рупакиас и откри поврзаност со членови, но и пратеници на неонацистичката партија. Грчката тајна служба до обвинителството достави листа со телефонски повици меѓу Златнозорците веднаш по убиството на Фисас. Постоела континуирана комуникација меѓу еден од уапсените пратеници, со одговорниот на штабот во кој доаѓал убиецот. Телефонските разговори ги демантираа тврдењата на челниците на Златна зора дека немаат никаква поврзаност со убиството и дека не го познаваат убиецот.
Златна зора од политичка партија стана криминална организација. Десет дена по убиството на Фисас, следеа апсење на пратеници, одредување мерка притвор и собирање докази за активностите на Златна зора. Обемниот судски предмет откри дека Златна зора од 1987 функционирала како воена структура, хиерархиски подредена според неонацистичките модели, а апсолутен лидер е претседателот Никос Михалолиакос.
Деветнаесет месеци по убиството на Павлос Фисас, инцидент кој ја прелеа чашата, ги симна маските и го покажа вистинското лице на Златна зора, на 20 април 2015 во специјално прилагодена просторија во атинскиот затвор Коридалос и под силно полициско обезбедување, започна судскиот процес.
За убиството на Павлос Фисас во септември 2013., за низа напади на имигранти и политички неистомисленици, за формирање и водење криминална организација- на обвинителната клупа седнаа 69 членови на Златна зора, меѓу кои и пратеници од партијата.
Дел од пратениците, меѓу кои и лидерот на партијата Никос Михалолиакос, 18 месеци поминаа во притвор, откако беа обвинети за формирање, здружување и водење на криминалната организација, која како политичка партија во 2012 година влезе во грчкиот парламент.
Во изминатиот период се забележува пад на рејтингот и поддршката на Златна зора. На европските избори во Грција, одржани минатиот месец, освои 4,87 отсто што е речиси двојно помалку од претходните евроизбори во 2014, одржани пред почетокот на судскиот процес. Тогаш, Златна зора доби 9,39 проценти.
На последните парламентарни избори во септември 2015 освои 6,99 отсто и 18 пратенички места, а анкетите и истражувањата на јавното мислење во Грција во пресрет на изборите во недела, на Златна зора и даваат од 3,2 отсто до 4,5 отсто.
Случајот со криминалните дела на Златна зора започна за време на владата на Нова демократија и ПАСОК со апсење на осомничените, продолжи со почеток на судскиот процес за време на СИРИЗА, а ќе заврши кога власта ќе ја преземе друга влада, веројатно Нова демократија.