Во недела во Бугарија се одржуваат парламентарни избори, а најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов води со незначителна предност во однос на Социјалистичката партија.
Бугарската Влада беше принудена во февруари да поднесе оставка поради серијата протести на граѓаните незадоволни поради корупцијата, растечката невработеност и високите сметки за струја.
Истражувањето на агенцијата „Сова Харис“ покажува дека ГЕРБ – Граѓани за европски развој на Бугарија го поддржуваат 20,9 отсто од граѓаните, а дека во однос на последното истражување на агенцијата, социјалистите ја намалиле разликата и сега уживаат поддршка од 20,4 отсто од граѓаните.
– Ниту една политичка партија нема да биде во можност самостојно да формира Влада, изјави директорот на агенцијата Васил Тончев.
Резултатите од истражувањето внесуваат стравување дека земјата по изборите ќе влезе во политичка неизвесност околу скорешното формирање Влада.
Ниту една партија, според анкетата, нема да може да освои мнозинство гласови од 43 отсто, а изгледите дека бугарската левица и десница можат да се договорат околу формирањето коалициска Влада се многу мали.