Грчката полиција уапси 101 анархист во операција за ослободување окупирана зграда во центарот на Атина, јави грчкото радио Скај.
На 20 декември лани полицијата изврши операција во зградата нарекувана вила Амалија, по информации за продажба на наркотици и приведе осум луѓе. Според медиумите во Атина, таа зграда е собиралиште на анархисти.
Рано утрото 150 луѓе со маски ги нападнале полицајците кои ја обезбедуваат зградата. 101 од нив упаднале во вилата. Окупацијата на зградата траела два часа и за тоа време со мегафони повикувале на демонстрации. Полицијата употребила солзавец и ги привела анархистите.
Во реон околу зградата има уште околу 100 демонстранти.
Во друга операција ослободени се канцеларии на партијата Демократска левица која е дел од коалициската влада. Канцелариите биле окупирани од група од околу 40 анархисти кои се приведени. Тие протестирале против полициската операција во вилата Амалија и против политиката на рестриктивни мерки.