Поради високата инциденца на новозаразени со Ковид-19, албанскиот технички комитет на експерти за справување со пандемијата, денеска одлучи да останат во сила веќе постојните ограничувачки мерки, со апел за масовна вакцинација.
Тоа значи дека продолжува полицискиот час во период од 23 до 6 часот, музика во угостителските објекти се дозволува до 23 часот, а присуство на настани со 30 отсто исполнетот од капацитетот. Граѓаните кои влегуваат во Република Албанија од сите гранични премини мора да поседуваат сертификат за вакцинација, при што од денот на ревакцинацијата треба да изминале најмалку две недели, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, брз антиген тест од 48 часа или потврда дека прележале Ковид, валиден до 6 месеци по заздравувањето.
Доктор Димитар Краја, кој е член на комитетот, изјави дека во двете болници што во моментов се отворени за ковид пациенти, слободни се 30 отсто од капацитетите.
-Во болниците Ковид 1 Ковид 3 има 230 пациенти, слободни легла сè уште има, бидејќи 30 отсто од капацитетите се непополнети. Болните доаѓаат од Тирана, Драч, Елбасан и други области. Возрасните групи се различни, од 19 до 80 години, но преовладува возраста од 50-60 години, изјави Краја на прес-конференција.
Додаде дека околу 63 отсто од случаите претставуваат умерени и отежнати форми, 24 отсто се тешки форми, 13 отсто се во критична форма, додека смртни случаи има во просек 5,1 до 5,4 дневно.
-Има многу случаи на бремени жени заразени со Ковид-19 , при што дел од нив се во сериозна состојба. Повеќето нив не се вакцинирани, посочи Краја.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Албана Фицо, ги повика учениците и сите наставници, да се вакцинираат што е можно поскоро, бидејќи се очекува за неколкудена да почне учебната година.
-Се уште има висока бројка на хоспитализации, но минатата недела оваа ситуација беше постабилна. Вкупниот број на активни случаи е зголемен, вкупниот број на зафатени општини е 51 што знач поголем број, од заразените 52 отсто се жени а 48 отсто мажи. Вакцинацијата е во тек, треба да се разбере дека овој месец е важен бидејќи се отвораат училишта, рече таа.
Според проценката на комитетот најголема опфатеност со вакцинацијата има во Ѓирокастро, потоа Делвина, а во северниот дел Пук, Кукс и Тропоја.
Комитетот ги демантираше информациите дека наводно се аплицирале вакцини со изминат рок.