Внуците на основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, ќе ја дадат на суд неговата Народнорепубликанска партија (НРП) за наследство, соопшти сајтот на англиски јазик „Ворлд булетин“.
Синовите на Улку Адатепе, посинената ќерка на Ататурк, испратиле нотарска покана, со која бараат НРП и најголемата турска банка „Иш банкаси“, да им го дадат наследството од дедо им во износ од еден милион долари.
Ахмет Кемал Доганчај и Али Кемал Доганчај, двајцата синови на Адатепе, која минатата година загина во сообраќајна несреќа во 79-та година од животот, изјавија дека се подготвени НРП и „Иш банкаси“ да ги дадат на суд ако одбијат да им се исплати наследството на кое претендираат.
Според нив, правата на мајка им биле заобиколени и затоа тие инсистираат да ги добијат парите што нејзи и припаѓале.
„Иш банкаси“ е основана по наредба на Ататурк во 1924 година. Ататурк дал 250.000 турски лири од заедничкиот капитал од еден милион турски лири, со кои банката била основана. Пред да почине тој својот имот го остави на НРП, вклучувајќи ги и акциите во банката.
НРП и „Иш банкаси“ сега дејствуваат како бизнис партнери.