Во Црна Гора денеска се одржуваат парламентарните избори, а својот глас го даде и контроверзниот митрополит на СПЦ Амфилохије, кој во Цетиње, на своја 82-годишна возраст, за првпат на едни парламентарни избори ја исполни граѓанската должност.
Митрополитот дојде на гласачкото место заедно со уште еден свештеник, му ги дезинфицираа рацете, а по проверката на личниот документ и гласањето, пред голем број новинари го уфрли гласачкото ливче во кутијата.
На новинарско прашање дали денеска може да има немири во Црна Гора, митрополитот црногорско-приморски на СПЦ одговори: „Нема никаков немир, само мир Божји и љубов Христова, тоа е се што денес можам да кажам“.
Во свои минати изјави, контроверзниот владика, кого многумина го обвинуваат за подгревање на тензиите меѓу српската и црногорската заедница во Црна Гора, велеше дека досега никогаш не гласал на парламентарни избори, затоа што немало за кого да гласа. Сепак, пред овие избори тој рече дека ќе го искористи своето гласачко право.
„Излегувам на изборите и гласам по своја совест и на сите ви порачувам да излезете на изборите и секој да гласа според својата совест,“ изјави Амфилохије неодамна.