Малa групa демонстранти во петокот попладне се судриле со полицијата во Солун, на крајот на протестен марш против нов закон со кој на полицијата ќе ѝ биде дозволен непречен пристап во универзитетите.
Околу 7.000 луѓе, според проценките, учествувале на маршот, кој започнал мирно. Но, една група од околу сто демонстранти почнала да фрла молотови коктели, камења и разни предмети кон полицијата пред зградата на универзитетот „Аристотел“, а полицајците одговориле со шок-бомби и солзавец.
Еден демонстрант е приведен под сомневање дека фрлил молотов коктел, соопштија властите. Тој бил пренесен во болница откако бил повреден за време на апсењето, веројатно од молотов коктел кој се запалил во негова близина и го зафатил и него и полицаецот кој го апсел, според полицијата.
Во исто време, во Атина исто така се одржа протест на студенти, кои не се согласуваат со одлуката на центристичко-десничарската влада на Константинос Мицотакис за дозволено постојано присуство на полицијата на универзитетските кампуси.
Темата беше повод за серија масовни протести во Грција во изминатите недели, кои се одржаа и покрај строгите мерки против ширењето на коронавирусот, кои забрануваат секакви јавни собири. На неколку од овие протести имаше насилство.
Присуството на полицијата на универзитетите во Грција беше ограничено со децении за да се заштити независноста на високошколските установи, но во исто време ова со генерации е и „жешко“ политичко прашање.
Според Владата, некои граѓани го користат отсуството на полицијата од кампусите за да ги претвораат во засолништа за криминални активности или за организирање насилни протести. Од друга страна, политичките противници на власта ја обвинуваат дека ја користи пандемијата и полицискиот час за да „протне“ поголеми овластувања и моќ за полицијата.