Илјадници гневни демонстранти излегоа денеска на улиците на Атина, поради доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел, која во текот на денот се сретна со грчкиот премиер Антонис Самарас.
Според последните информации, повеќе од 40 лица се уапсени во близина на познатиот плоштад Синтагма во центарот на Атина, пренесува RT. Грчкиот весник “Athens News” објавија дека тешко е да се каже точно колку демонстранти се собраа, но просторот на плоштадот Синтагма изгледа поприлично полн.
Властите дозволија одржување само на два закажани протеста. Во градот трае опсадна состојба која се должи на доаѓањето на германскиот канцелар – која за многу жители на Грција стана нај омразено лице и синоним за брутални мерки на штедење наметнати кон нивната земја – ширум Атина се распоредени 7,000 полицајци кои пристигнаа од целата земја.
На покривите се снајперисти, полицијата на улиците е подготвена со водени топови. Информациите, исто така говорат, дека на улиците се и неколку стотици агенти во цивилка.
Безбедносните сили подигнаа челична ограда околу зградата на Парламентот. Хеликоптери патролираат во градот, додека жителите велат дека на улиците се и специјалните сили. “Ова ќе биде една од најголемите безбедносни задачи во изминатите неколку години”, изјави висок претставник на полицијата.
Меѓу транспарентите на улиците на Грција можат да се видат пораки како “Ангела, не си добредојдена” и “НЕ за Четвртиот рајх”. Демонстрантите запалија неколку знамиња на ЕУ, но и знамето на нацистичка Германија.
Грција го очекува следниот заем што ќе ја спаси од банкрот, сепак, ќе мора да воведат дополнителни мерки за штедење. Во текот на следните две години мора да го намалат долгот за 17,5 милијарди долари. Властите во Атина, порачуваат дека Грција – ако не го добие кредитот – ќе остане без пари во рок од еден месец.