Стотици припадници на навивачката група Торцида за време на вчерашниот организиран марш низ Сплит, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс, пееја антисемитски песни и извикуваа нацистички пароли, меѓу кои и навреди за Ана Франк, еврејското девојче кое почина во нацистички концентрационен логор на 15-годишна возраст.
Навивачите пееја навредлива песна за Ана Франк, а според снимките објавени на социјалните мрежи, не стануваше збор за изолиран инцидент, туку за масовно пеење за време на организираниот марш, во кој ритамот го даваше тапанот на Торцида.
Песната за Ана Франк беше само еден од низата антисемитски и нацистички испади за време на маршот на навивачите низ улиците на Сплит.
Тие извикуваа „Газете ги, газете ги Евреите“, „Аушвиц, Аушвиц“, „Стани, Адолф“ и „Ајде, ајде, усташи“.
Навивачите пееја и песна за палење Евреи, со стихови за високи печки, кокс и Евреи, проследени со порака дека ќе има печење и дека се радуваат на тоа.
На чело на поворката се наоѓаше автомобил со ковчег на покривот, на кој пишуваше „Ајакс“. Подоцна, навивачите го симнаа ковчегот од автомобилот и го искршија, повторно извикувајќи пароли против Евреите.
Сплитската полиција потврди дека за време на маршот биле забележани извици со елементи на казниво однесување и покрена криминалистичка истрага за да го утврди идентитетот на одговорните.
Утрово почнаа апсења и криминалистичка обработка на лица за кои постои сомнение дека учествувале во извикувањето нацистички и антисемитски пароли, објави „Слободна Далмација“.
Според информациите на весникот, полицијата досега идентификувала најмалку десетина лица за кои смета дека се истакнати членови на Торцида. Меѓу нив има и лица кои претходно им беа познати на правосудните органи.
Против нив се води истрага поради сомнение за јавно поттикнување насилство и омраза, според член 325 од хрватскиот Кривичен законик. За основниот облик на ова кривично дело е предвидена затворска казна до три години.
