Земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала утрово случи во близина на грчките острови Крит и Санторини. Според Геолошкиот завод на САД (УСГС), епицентарот бил на длабочина од 68 километри, околу 82 километри североисточно од главниот град на Крит, Хераклион.
Нема информации за повредени или материјална штета. Весникот „То Прото Тема“ пишува дека потресот го почувствувале и жителите на Пелопонез, Кикладите, па дури и на Кипар.
Пред една недела, земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала јужно од островот Касос предизвика потреси на острови кои се многу популарни кај туристите, како што се Кос, Родос и Крит.