Српскиот актер и политичар Бранислав Лечиќ, кој деновиве е една од главните теми во српската јавност по обвинувањето од колешката Данијела Штајнфелд дека ја силувал пред девет години, се појави на видеоснимка преку која ѝ се обрати на актерката.
Лечиќ вели дека добил повик од Обвинителството да даде исказ за случајот во петок, по што одлучил да се обрати со видеопорака до актерката која го изнесе обвинувањето. Случајот предизвика лавина од реакции во Србија и во регионот. Дел од колегите, како Мирјана Карановиќ, ја поддржаа Штајнфелд во барањето за правда и го осудија Лечиќ. Дел од фелата, пак, повика да запре јавниот линч и да се остави органите да ја завршат својата работа, пред да се осуди актерот.
Лечиќ на снимката вели дека обвинувањето длабоко го погодило него и неговото семејство, а медиумите веќе ја презеле улогата на судија и пресудиле против него.
„Сите мислат или почнуваат да мислат дека сум силувач, монструм, подмолен човек, лицемер. Дека се претставувам на еден начин, а суштината на битието е нешто друго, затоа што сум способен за таков чин што се вика силување на жена. Можеби утре тоа ќе биде некој маж, можеби утре ќе се случи дека сум силувал и деца,“ вели Лечиќ.
Штајнфелд го обвинува познатиот актер, кој е 28 години постар од неа, дека во мај 2012 година, додека заедно играле во претставата „Дневна заповед“ ја одвел со својот автомобил на периферијата на Белград, каде ја силувал и „психички, емотивно, физички и сексуално“ ја измачувал.
Лечиќ во видеото ја повика актерката да ја каже вистината, тврдејќи дека меѓу нив не се случило ништо.
„Кажи ја вистината, Даниела, само бевме партнери во работата, максимално се трудев да сфатиш која улога ја играш. Како што во претставата немаше сексуална реализација, знаеш и сама, тоа не се случи и во вистинскиот живот. И ти и јас, а и Бог, знаеме дека немавме ниту љубовен однос, ниту сексуален однос, никогаш,“ вели актерот.
„Зошто една жена би користела вакви средства за да прави профит за себе? Тоа е недостојно за нас како глумци, за партнерите и за жените. Немој тоа да го правиш, не ти треба тоа,“ ѝ порача Лечиќ на Штајнфелд.
„Ако некогаш, во кој било момент, потег, мисла, случаен или намерен гест, те навредив, повредив или понижив… aко која било жена сум ја навредил на таков начин да стекнала впечаток дека сум некултурен, агресивец, предатор, тогаш длабоко ти се извинувам и тебе, Даниела, и на секоја жена која се почувствувала загрозена или потценета,“ додаде актерот во обраќањето.