На „Јутјуб“ се појави видео запис на Кјел Олав, потполковник во војската во Норвешка, кој со својата единица во рамките на мировните сили во 2004 година претстојувал во Чаглавица на Косово, а кој сведочи за тоа како неговите војници биле принудени да убијат еден Албанец за да ги спасат своите животи.
Повод за насилството на Косово беше кампањата на албанските медиуми, во кои локалните Срби беа обвинети за убиство на три албански момчиња, кои се удавиле во Ибар.
Единицата на Олав која престојувала во Чаглавица, била нападната со камења, метални цевки и молотови коктели од Албанци.
-Беше пекол од почеток. Ги потиснавме и не им дозволивме да го пробијат нашиот кордон. Како што минуваше времето, демонстрантите стануваа се поагресивни, па гневот кон Србите го насочија кон нас и бевме изложени на напади во кои беа загрозени нашите животи- вели Олав.
Тој појаснува дека ситуацијата станала критична кога се појавил камион, кој тргнал кон кордонот односно кон неговите војници.
-Се појави камион кој тргна кон нас. Доколку дојдеше до нас, ќе го уништеше кордонот. Бевме принудени да пукаме, најпрвин во воздух, а потоа во возачот. На тој начин успеавме да го одбиеме нападот и да ги спасиме нашите животи- наведува Олав во видео записот кој е направен под закрила на војската на Норвешка.
Е. Г.