Големи тензии и насилни инциденти ја одбележаа денешната пленарна седница на албанскиот парламент во Тирана, каде пратеници се тепаа меѓусебно, фрлаа чадни бомби и се судрија со припадници на Гардата на Република Албанија, кон кои беа фрлани и шишиња.
Инцидентот избувна откако пратениците на опозициската Демократска партија ги блокираа говорницата и министерските места, оневозможувајќи нормално одвивање на седницата. За време на хаосот, опозицијата побара парламентарното мнозинство да ја „предаде“ на правдата вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балук, а беше запален и постер со ликот на премиерот Еди Рама.
Балук на 19 ноември беше суспендирана од функцијата со одлука на Специјалниот првостепен суд за корупција и организиран криминал, но Уставниот суд привремено ја суспендираше таа одлука до понатамошно разгледување на случајот.
Дополнителни тензии предизвика и изборот на Ендрит Шабани за народен адвокат, на што опозицијата остро се спротивстави. И покрај тоа, Шабани денеска положи заклетва и официјално ја презеде функцијата.
Поради ескалацијата на конфликтот, планираната дебата за законските предлози, меѓу кои и мерките за борба против организираниот криминал, не се одржа, а парламентот продолжи со гласање без расправа.
