Парламентарното Собрание на Советот на Европа го ратификува мандатот на грчката парламентарка Елени Зарулиа од грчката неофашистичка „Златна зора“ и на унгарскиот пратеник Тамаш Годи Наѓи, кои беа оспорени при отворањето на зимската сесија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Италијанската парламентарка Фиама Ниренштајн, поддржана од уште триесетина други членови на ПССЕ, нагласи дека двајцата парламентарци се членови на политички партии, кои ги нарече „расистички и антисемистички“ и дека вредностите кои ги бранат овие партии, како и изјавите на овие пратеници не се во согласност со вредностите на СЕ.
– Комисија сака да прецизира, со најголема строгост, дека оваа одлука, не треба да биде протолкувана како поддршка или признавање, па дури и индиректно на активностите, убедувањата, дејствувањата или политичките позиции кои ПССЕ постојано ги осудува во текот на изминатите 63 години колку што постои, се наведува во соопштението на Комисијата за правилникот, имунитетот и институционалните прашања на ПССЕ.
Комисијата најави дека планира да ја преиспита содржината на членот од Правилникот на ПССЕ со цел да се земат во предвид „загриженостите кои беа изразени од страна на членовите на ПССЕ.“