Загрепски Вечерњи лист повикувајќи се на извори во Белград, објави дека хрватскиот шпион уапсен синоќа во Србија е идентификуван како Чедо Чоловиќ (57), офицер во пензија од Република Српска.
Весникот тврди дека уапсениот е обвинет дека со години во Загреб пренесувал податоци од Белград и поради него најмалку 9 Срби се обвинети за воени злосторства.
Тој бил уапсен додека бегал кон Хрватска, наведува медиумот.
Според соопштение од српското Обвинителство, во петокот било лишено од слобода лице поради сомневање за кривично дело шпионажа. Лицето имало двојно државјанство, на Србија и на Хрватска.
Според српските медиуми, пензионираниот мајор работел за Воено безбедносната разузнавачка служба на Хрватска, а во деведесеттите години за време на воените судири, бил командант на бригада која дејствувала на нејзина територија.
Осомничениот ја прифатил понудата на хрватската разузнавачка служба –ако шпионира за нив нема да биде покренато обвинение против него за воени злосторства, наведуваат српските медиуми.
Безбедносната информативна агенција на Србија подолго време го следела со оглед дека се распрашувал премногу во воените кругови, а тоа го правел многу нападно и аматерски.
-Тоа што беше многу директен и наметлив во прашањата кои ги упатувал кон колегите од воените кругови го направи од старт сомнителен и веднаш бил пријавен, наведуваат извори од безбедносните структури.
Според БИА ова не е прв случај кој е откриен да работи под уцена за хрватските служби.