Варуфакис ѕвезда на првомајските протести во Атина

Од:

Масовни граѓански протести се во тек во Атина во знак на одбележување на Први мај, Денот на трудот. Илјадници граѓани организирани од големите работнички синдикати ги исполнија улиците на грчката претстолнина, со цел да побараат подобри работнички права, крај на работничките притисоци и финансиската криза и подобрување на општата економска ситуација во Грција.

Покрај огромната маса граѓани, на протестот беа присутни бројни министри и членови на СИРИЗА, чие присуство пренесе порака дека владата сака да остане заедно со народот, да работи во насока на исполнување на народните барања и потреби.

Ѕвезда на провомајскиот протест беше министерот за финансии Јанис Варуфакис, кој со своето ненадејно присуство предизвика огромно воодушевување и изненаденост меѓу граѓаните. Околу него одеднаш се формираше хаотичен обрач од граѓани, фоторепортери, новинари и камермани, едните со цел да му изразат поддршка за неговата работа и неодамнешниот напад во Ексархија, другите со цел да издејствуваат изјава.

Покрај Варуфакис, на првомајскиот протест се појавија и останати министри од владата на Алексис Ципрас. На чело на протестната поворка беше министерот за енергетика и животна средина, Панајотис Лафазанис, кој потенцираше дека пораката на овогодишниот протест е дека народот ќе продолжи со борба и отпор за подобро утре.

Министерот за труд, Пано Скурлетис кој исто така беше дел од протестот јасно потенцираше дека црвените линии на владата остануваат силно црвени и нема да има отстапки од нив. За потсетување, меѓу црвените линии се приватизацијата, подобрувањето на колективните работнички права и договори и хуманитарната помош за финансиски маргинализираните семејства.

Покрај Варуфакис, Лафазанис и Скурлетис на протестот учествуваа и заменик министерот за социјала, министерот за внатрешни работи и префектот на Атина, Рена Дуру.Она што изненади беше отсуството на премиерот Алексис Ципрас, иако од неговиот кабинет ден претходно најавија дека и тој ќе биде дел од закажаниот протест. Ципрас испрати порака до народот преку Твитер, потенцирајќи дека борбата за подобрување на народните права, за демократијата, за живот со достоинство ќе победи.

Протестот помина релативно мирно, со мали инциденти на крајот, размена на молотови и шок бомби меѓу полицијата и мала група анархисти.

Извор: Мета

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит