Уставниот одбор на Собранието на Црна Гора усвои предлог за почнување постапка за утврдување дали претседателот на државата Мило Ѓукановиќ го прекршил Уставот, поднесен од парламентарното мнозинство формирано во август 2020 година.
Сите седум претставници од партиите од мнозинството гласаа „за“, а опозицијата не присуствуваше на седницата.
Со законот за Уставен суд, предвидено е тој да одлучи во рок од 45 дена по одговорот на претседателот на наводите од предлогот.
Мнозинството во новиот предлог наведува дека Ѓукановиќ, по изгласувањето недоверба на 43. Влада на 19 август, не му предложил на Собранието мандатар за формирање нова влада.
„Тоа е негова, строго пропишана со Устав, обврска и со тоа го повреди Уставот, член 95 став 1, точка 5“, пишува во предлогот, јавија дел од црногорските медиуми.
Се додава и дека претседателот го прекршил Уставот и со тоа што на разговори за мандатар не повикал претставници на сите парламентарни партии, потсетувајќи оти повик не добиле Демос, Обединета Црна Гора, Вистинска Црна Гора, Работничката партија и ЦИВИС.
„Констатираме дека Ѓукановиќ со тој чин не го повика на разговор ниту Миодраг Лекиќ, кој со договор на парламентарното мнозинство доби поддршка од 41 пратеник да биде мандатар за формирање нова влада, а кој како претседател на партијата Демос е и нејзин претставник, што е јасна повреда на највисокиот правен акт“, се наведува во предлогот.
Извор: МИА